Со многу радост, возбуда и детски насмевки го започнавме новото патување во учебната 2025/26 година. Училишниот двор денеска одекнуваше со гласови исполнети со надеж и соништа.
Настанот започна со интонирањето на државната химна, симбол на заедништво и гордост. Следеше инспиративниот монолог посветен на нашиот патрон – Синиша Стоилов, кој ја потсети јавноста на вредностите и визијата што тој ги оставил зад себе.
На присутните им се обратија директорката на училиштето и градоначалникот Борчо Коцев , кои со срце ги охрабрија учениците и наставниците да чекорат напред со знаење, упорност и љубов кон учењето.
Првачињата беа највозбудени, а традиционално беа поздравени од второодделенците, со желба секој нивен училишен ден да биде благословен и успешен. Учениците од трето одделение ја збогатија програмата со прекрасен рецитал, кој ги допре сите присутни.
Посебна чест ни беше посетата на советничката од БРО ,Т. Осоговска, која со свои зборови на поддршка и охрабрување внесе дополнителна топлина и сигурност во овој важен ден.
Како знак на внимание, секоe дете доби подарок, симбол на тоа дека секој ученик е важен и ценет.Овде беа и другарите Енџел и Стич кои ги поздравија учениците.
Денеска ги прославивме и нашите најмали другарчиња, кои со нетрпение чекаат да тргнат на училиште и со љубопитност гледаат кон иднината.
Првиот училишен ден е само почеток на една нова приказна исполнета со предизвици, знаење и пријателства. Им посакуваме на сите ученици успешна и среќна учебна година!


